Очигледно е дека сите промени, добри и лоши, доведоа до оваа ситуација. Незамисливо е денес да постои бизнис кој не размислува за дигитален маркетинг. И сите оние кои имале фантастични резултати ќе бидат принудени да се прилагодуваат и со промените да останат во игра. Убав пример е автомобилската индустрија: Тесла има иновативен пристап каде моделите се направени како мобилен телефон, се е на допир и немаат класични продажни салони. Најпрво сите помислуваат дека тоа е невозможно, но Тесла е сепак најбрзорастечката компанија за автомобили.

Слично може да се констатира за многу други бизниси. Во светот, состојбата со пандемијата покажа дека е време сите бизнис-модели кои не можат да се модернизираат или дигитализираат треба што побрзо да се затворат за да нема додатни последици. Единствено во неразвиените земји се случува државата да интервенира во спасување на тврдокорните бизниси, со изговор вработените да бидат згрижени и слично. Но ова е неуспешна практика, бидејќи со задолжувањето преку кредити за неколку години ќе дојде до уште поголем колапс.

Секој бизнис-лидер кој сака да остане конкурентен на пазарот и да биде во чекор со се што е „ин“ треба да размисли во кои сегменти може да се имплементира автоматизација, нови технологии и дигитален маркетинг.